Утре во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) со почеток од 14:00 часот ќе биде извршена ждрепката на редните броеви за суперлигашката конкуренција, по што ќе биде познат и распоредот на натпревари во новата сезона.
Во регуларниот дел сите екипи ќе одиграат по 14 меча, а потоа најдобрите четири од двете групи одат во плеј-оф, додека оние од петто до осмо место ќе играат плеј-аут.
Суперлигашите ќе бидат распоредени со ждрепка во двете групи. Местата во шеширите пред ждрепката ќе бидат одредени според остварениот пласман во изминатата сезона, 2022/23.
Носители на групите ќе бидат шампионот Еурофарм Пелистер и вицепрвакот Алкалоид, така што овие две екипи нема да можат да се сретнат во регуларниот дел од сезоната.
Дебитанти во новата сезона ќе бидат екипите на Мулти Есенс и Аеродром. Двата клубови кои завршија на прво, односно второ место во Првата лига, изборија директен пласман во елитата.
Во новата сезона вкупно ќе има осум скопски екипи и осум екипи од внатрешноста на Македонија.
шешири пред ждрепка:
- Еурофарм Пелистер, Алкалоид
- Вардар, Тиквеш
- Бутел Скопје, Охрид
- Еурофарм Пелистер 2, Пролет
- Голден Арт, Струга
- Прилеп, Куманово
- Скопје, Вардар Неготино
- Мулти Есенс, Аеродром