Селекцијата на Полска со победа ја стартуваше втората фаза откако беше убедлива против Уругвај и дојде до триумф со 30:16 во рамките од втората група на Светското првенство во Египет.
На овој натпревар репрезентативците на Полска рутински го одржуваа водството, а селекцијата на Уругвај беше достоен ривал во првото полувреме.
Уругвај го имаше почетното водство од 1:0 со голот на Максимо Естебан. Полска со головите на Чувара, Чрапковски и Морито направи пресврт за 3:1 во 8. минута од натпреварот. Во неколку моменти репрезентативците на Полска влегоа во серија од технички грешки, причина поради која Уругвај се одржуваше во игра.
Естебан беше најрасположениот ракометар во Уругвај и тој израмни на 4:4 во 11. минута од натпреварот и беше најзаслужен за резултатската неизвесност во првата половина од првиот дел. Полска веќе почна да игра добра одбрана и со брза транзиција низ теренот ја презеде работата во свои раце. Дачек постигна гол за 9:5 за Полска во 18. минута, а до крајот на првото полувреме Полска зголеми за уште еден разлика и на одмор замина со 14:9.
Во второто полувреме Полска сè почесто постигнуваше лесни голови и рутински стигна до убедлива разлика. Минутажа на теренот имаа и неколку ракометари од втората постава и на двете репрезентации.
Левиот бек во репрезентацијата на Полска, Симон Сичко, со своите голови го зголемуваше водството на својата репрезентација, кое растеше од минута во минута. Последните десет минути беа само формалност. Во следната рунда Полска оди на мегдан со Бразил, селекцијата на Уругвај за противник ја има Шпанија.