Унгарски пречки за Вардар кон Келн: Сè води кон Пик Сегед и Веспрем

Вардар загуби во Порто и си ги намали своите шанси да финишира на 5. место во групата, а ги загуби оние мали шанси кои даваа можност групната фаза да биде завршена на 4. позиција. Според актуелната ситуација и според некои пресметки околу тоа како би требало да завршат сите дуели кога фаворитите би победувале до крајот Вардар за четврт-финале би требало да се бори против Пик Сегед.

Како би се случило ова?

Со оглед на тоа што Порто игра против Мешков Брест во последниот натпревар од групната фаза иако на гости очекувањата се тука гостите да успеат да слават бидејќи тимот од Белорусија веќе нема никакви шанси за осминафинале и овој дуел ќе биде само формалност. Ако биде така тогаш епилогот од Вардар-Монпелје нема да има никаква улога околу конечниот расплет во групата Б.

Пласман на 6. позиција за Вардар значи пресметка со третопласираниот во Групата А. Таму во моментов трет е ПСЖ, но шампионот на Франција до крајот има уште два дуели. Тоа се лесни средби против Елверум и Загреб така што ако нема нешто непредвидено односно големо чудо тогаш ПСЖ ќе се врати на 2. позиција која ја загуби со поразот во Унгарија.

Со оглед на тоа што ПСЖ има подобар меѓусебен дуел од Пик Сегед, тимот од Франција ќе оди на 2. позиција додека Пик Сегед ќе падне на 3. место што практично го носи на двобој со Вардар. Доколку се остварат овие прогнози тогаш победникот од овој двобој најверојатно ќе оди на Веспрем во следната рунда, но и тука ќе има уште натпревари така што ништо не е целосно завршено.

Засега ситуацијата е таква што сè води кон Пик Сегед и Веспрем, а дали ова ќе се оствари ќе се знае после комплетирањето на 13. коло утре и последното кое се игра следниот викенд.

Инаку, минатата година Вардар играше против Пик Сегед во четврт-финалето од Лигата на шампионите, а против Веспрем во финалето во Келн.