Унгарски клуб го отпушти тренерот и ја суспендираше најдобрата ракометарка!

Слабиот старт на сезоната на унгарскиот тим Шиофок кој минатата сезона играше одлично предизвика во екипата да се направат промени. Прв на удар се најде главниот тренер, норвешкиот стручњак Бент Дал кој ја прекина соработката со клубот на што се согласија двете страни.

Дека нешто се случува во екипата, а на јавноста не и е познато, покажува и суспензијата на најдобрата ракометарка Нереа Пена. Во официјалното соопштение од клубот не се наведуваат причините, само е нагласено дека во наредниот период ракометарката нема да биде дел од тренинзите и натпреварите.

За разлика од минатата сезона кога Шиофок играше одлично и беше веднаш зад Ѓер, оваа сезона ја отворија со три порази што беше дополнителен притисок за тренерот. Победата во последното коло изминатиот викенд не беше доволна за тренерот Бент Дал да ја продолжи соработката со клубот.

Шиофок можеби е најголемиот губитник кој заради коронавирусот и поништувањето на првенството го изгуби месотот во Лигата на шампионите. Иако беа на второто место кое носи пласман, федерацијата го поништи првенството и место во најдоброто женско клупско натпреварување доби Ференцварош според пласманот во сезоната 2018/19.