Еден од најдобрите клубови во женска конкуренција во Унгарија, тимот на Шиофок, во следната сезона ќе направи целосна реконструкција и тимот ќе се потпира на свој кадар, односно на ракометарки од младинската екипа.
Според унгарските медиуми, сите сегашни ракометарки на Шиофок ќе бидат ослободени и без никаков проблем ќе можат да бидат во потрага по нов клуб во следната сезона.
Во Шиофок моментално има шест интернационалки, плус двајца странски членови на струшниот штаб. Унгарскиот суперлигаш е предводен од поранешниот тренер на ЖРК Вардар, Урош Брегар, додека помошен тренер е неговиот сонародник Зига Новак.
Доколку шпекулациите од медиумите во Унгарија бидат остварливи, тогаш Шиофок во следната натпреварувачка сезона ќе има тежок предизвик со млади ракометарки и најверојатно тимот ќе биде само „топовско месо“ за противниците, со оглед на тоа дека лигата во Унгарија е една од најквалитетните во светот.
Шиофок во сезона 2018/19 го освои трофејот во второто по квалитет европско натпреварување – Лига на Европа. Во сезона 2019/20 имаше можност по вторпат да дојде до европски трофеј, но во финалето беше поразен од француски Нант.
Најголемиот успех на клубот на домашна сцена е бронзениот медал во унгарскиот шампионат во сезона 2011/12 и 2018/19. Тимот во сезона 2013/14 заврши како трет во Купот на Унгарија.
Дресот на Шиофок го носеа неколку познати активни и поранешни ракометарки од тимот на Естел Мзе Минко, Нереа Пена, Макарена Агилар, Михаела Хрбкова, Силје Солберг…
Дел од Шиофок беа неколку екс ракометарки на Вардар – Андреа Кобетиќ (Пенезиќ), Татјана Кмирова и Сања Дамјановиќ.