Селекцијата на Унгарија ја забележа втората победа на Светското првенство во Египет. По лесниот меч со Капе Верде, избраниците на Иштван Гулјаш имаа уште еден лесен двобој со Уругвај и славеа со 44-18.
Иако играа без Балог, Бенце Наѓ, Топиќ и Миклер, уште на полувремето Унгарците ја обезбедија победата кога стигнаа до плус осум, 16-8.
Вториот дел беше како на тренинг, унгарските репрезентативци уште повеќе „нагазија“, па Уругвај не знаеше од каде попрво да се брани. Освен голманите Секељ и Борбељ, стрелаа сите ракометари.
Најдобри поединци во победничкиот состав беа Мате со осум и Ѓери со шест голови, додека кај Уругва, Морандеира даде четири погодоци. И покрај овој пораз, Уругвај има шанса за прогрес во главната фаза, ако слави над Капе Верде во третото коло.