Украинeц што играше во Македонија тврди: Не треба да играме против агресорот Русија додека трае војната!

Некогашниот украински репрезентативец Јуриј Салогуб, кој дел од кариерата помина и во Македонија, остро реагираше кон ЕХФ.

Русија и Украина се најдоа во иста група за квалификациите за Европското првенство во 2022 година, и покрај тоа што меѓу двете земји се уште трае конфликтот кој започна 2014 година.

Салогуб, кој го носеше дресот на велешки Борец, во сезоната 1995/96, кога овој тим играше во Лигата на шампионите се огласи на социјалните мрежи.

„Не знам како да го наречам ова, но го сметам како понижување на нашиот народ, непочитување на нашите бранители од страна на ЕХФ, која дозволи Украина и Русија да бидат во иста квалификациска група. Јас имам неколку другари во Русија, мислам дека тие ќе ја сфатат мојата позиција како човек за кој зборовите „мајка“, „татковина“, „Украина“ не се само празни зборови. Не сакам да играм со руски екипи и репрезентации, додека трае војната меѓу нас!“, напиша Салогуб.

Со оглед на ситуацијата, двата меѓусебни наптревари Украина и Русија ќе ги одиграат најверојатно на неутрален терен во Белорусија, но се чека дозвола од Европската куќа на ракометот.

EХФ по оној проблем меѓу Косово и Србија, има уште еден за решавање.