Репрезентацијата на Украина требаше да игра против Финска во првото коло од квалификациите на почетокот на март, но поради војната ИХФ ги исфрли Украинците и во финалниот бараж се пласираше Финска.
Во овој момент украинската репрезентација е на тринеделен камп во Гросвалштад. Се уште не е познато што ќе се случува понатаму. Капитенот на репрезентацијата на Украина Вјачеслав Лочман се надева дека неговата репрезентација може да добие вајлд карта, односно покана од ИХФ за учество на Светското првенство.
Исто така посочи дека е важно тимот да остане во Германија.
„Се надевам дека тимот нема да мора да си оди дома. Многу е важно за украинските спортисти да продолжат да играат натпревари. Треба да покажеме дека имаме држава, ние не сме војници, не се бориме на фронт, се бориме во сала. Јас никогаш во животот не сум држел пиштол во рака, туку само топка“, изјави Лочман.
Светското првенство во јануари идната година ќе се одржи во Полска и Шведска. Ќе потсетиме, Македонија за пласман на овој турнир ја очекува бараж против Чешка.