Потенцијално голем проблем за селекторот Љубомир Савевски и женската репрезентација на Македонија, доаѓа од Романија. Капитенот Елена Ѓорѓиевска на последниот натпревар за Магура Чиснадие заработи повреда на левото рамо. Десниот бек имаше дислокација на рамото, но веднаш беше вратено на место.
Ѓорѓиевска ќе мора најмалку три недели да носи ортоза, односно да и биде бандажирано рамото, а потоа ќе треба да се утврди дали ќе може да биде решен проблемот без операција. Тоа значи дека капитенот ќе биде најмалку месец дена надвор од теренот и настапот на Европското првенство ќе биде неизвесен до последен момент.
Откако Ѓорѓиевска имаше повреда на коленото и пропушти голем дел од минатата сезона, таа одлично ја почна новата сезона во нејзиниот клуб и селекторот сериозно сметаше на нејзините услуги и за ЕХФ неделата што почнува денеска, односно за пресметките со Норвешка Б.
Алтернативи на Савевски на десната бековска позиција ќе бидат Јована Кипријановска од францускиот Ле Самбр Авенуа, како и младата Ива Младеновска од Металург. Не е исклучена варијантата, македонскиот селектор да одбере тактика и со деснорак бек на таа позиција.
Македонија е во група со Франција, Холандија и Романија на ЕП, а евентуалното отсуство на капитенот би бил голем проблем. ЕП ќе се игра од 4 до 20 ноември.