Спасувачките екипи во турскиот град Хатај веќе петти ден трагаат по репрезентативецот на Турција, Џемал Кутахја, кој сѐ уште се наоѓа под урнатините, откако во понеделникот градот го погоди силен земјотрес.
Членот на суперлигашот Хатајспор за време на земјотресот бил заедно со неговото семејство, односно со неговата бремена сопруга, како и со неговиот петгодишен син.
Претседателот на турскиот ракометен сојуз Угор Килич заедно со локалните власти во Хатај прават сѐ што е во нивна моќ за да го извлечат семејството Кутахја, иако временските услови ги отежнуваат нивните напори.
,,Имавме состанок со локалните власти за да стигнеме до капитенот на нашата репрезентација и неговото семејство уште од првиот час по земјотресот. Условите се многу тешки. Сепак, има голема надеж и се радуваме на тоа“, изјави Килиќ.
Земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала во понеделникот ја погоди јужна Турција и северна Сирија, каде живеат повеќе од 13,5 милиони луѓе.
Турската агенција за вонредни ситуации излезе со соопштение дека е потврдена смртта на 18.342 лица, додека околу 75.000 се повредени.