Турскиот ракомет завиен во црно – репрезентативец пронајден мртов!

Ракометната федерација на Турција пред неколку часа соопшти дека репрезентативецот Џемал Кутахја заедно со неговиот петгодишен син Џанер не го преживеале земјотресот, кој во понеделникот ја погоди Јужна Турција, како и Северна Сирија.

Довчерашниот член на Хатајспор за време на земјотресот освен со неговиот син бил заедно и со неговата бремена сопруга Пелин, за која сѐ уште нема никакви информации.

Спасувачките екипи во Антакија веќе седум дена беа во потрага по семејството Кутахја надевајќи се дека ќе можат да го извлечат од урнатините, но за жал, денес ракометната куќа на Турција ја соопшти трагичната вест.

Последен поздрав за поранешниот соиграч и пријател на социјалните мрежи упатија неколку ракометари од Македонија кои настапуваа во турскиот шампионат, односно играа заедно со Кутахја.