Десниот бек од Битола, Стефан Трпчевски, кој го носеше дресот на Вардар јуниор ја продолжува кариерата кај нашиот јужен сосед, а негов следен клуб е Фаикас Корфу.
Трпчевски се договори со овој клуб кој игра во најсилната лига на Грција така што ќе се обиде да се докаже и на меѓународна сцена од втор обид. Тој ќе биде клупски колега со Тоше Ончев, кој претходно го продолжи договорот со тимот на Фаикас Корфу.
„Мојот трансфер во Фаикас Корфу беше благодарение на Тоше Ончев, кој ми кажа одлични работи за клубот и за нивната професионалност. Знам дека и навивачите прават одлична атмосфера, па можам да се заблагодарам на претседателот на клубот и на тренерот за укажаната доверба“, вели Трпчевски.
Тој потекнува од Битола, а во својата кариера најдолго настапуваше во Вардар јуниор од 2013 до 2018 година. Потоа се пресели во Струга, а оттаму за Охрид. Сезонава играше за Хапоел Киријат од Израел. Се врати во Вардар јуниор, но овој клуб е преселен во Првата лига, па Трпчевски се одлучи одново да ја проба среќата надвор од Македонија.