Денес во Македонија ќе стартува новата натпреварувачка сезона во единственото женско сениорско натпреварување.
Поранешниот шампион на Македонија, Вардар, кој направи промени во играчкиот кадар, во рамки од првото коло за ривал го има амбициозниот Чаир.
Вардарки дуелот со градскиот ривал ќе го одиграат на свој терен и ќе се обидат со победа да го започнат настапот во Женската лига.
Капитенот на Вардар, Ивона Трпевска, ги сподели своите очекувања за денешниот дуел и најави голема борба за освојување на бодовите.
„Против Чаир не очекува многу важен натпревар, играме со добро познат противник, и овој натпревар ќе биде неизвесен до самиот крај. Иако сме релативно млада екипа, јас како капитен верувам дека ќе одиграме борбено и мотивирано за крајниот исход да биде во наша полза”, изјави Трпевска.
Десното крило на Вардар се надева на добар пласман во новата сезона и на освојување на Куп трофејот.
„Амбициите на Вардар како во минатите години, така и сега, се да целиме кон врвот. Ние сме млада екипа, но сметам дека можеме да го изненадиме секој наш противник и да се бориме за титулата. Лани имавме голема шанса да стигнеме до титулата во Купот, но не успеавме, така што во оваа сезона со напорна работа очекувам да стигнеме до Ф4 во Купот на Македонија и шансата што ја испуштивме претходната сезона оваа година да ја искористиме. Но, да одиме чекор по чекор, нас ни преостанува да работиме напорно и да не заобиколат повредите”, заврши Трпевска.
Дуелот меѓу Вардар и Чаир ќе се одигра во салата при ОУ „Круме Кепески“, во Кисела Вода. Влезот за сите љубители е слободен.