Ракометарките на Вардар забележаа нова победа во 8. коло од Женската лига откако на домашен терен во салата Јане Сандански ја совладаа екипата на Ѓорче Петров со убедливи 37:30.
Првото полувреме беше максимално израмнето, екипите го менуваа водството и имаа само по минимална предност, а резултатот најчесто беше нерешен. Така се замина и на пауза со израмнет резултат, после 30 минути игра беше 16:16.
Вардарки имаа добар почеток на второто полувреме и почнаа да градат предност. Ѓорче Петров тешко стигнуваше до добра позиција за гол и имаше проблеми со реализација. Првиот гол во продолжението го постигнаа после пет минути игра, а тоа го искористи Вардар и создаде предност од четири гола.
Дуелот продолжи со игра гол за гол во следните десетина минути, а веќе во 45. минута Трпевска за првпат донесе пет гола позитива за Вардар. Вардарки продолжија во ист ритам и само ја зголемуваа предноста. Беа казнувани сите грешки и безидејната игра во нападот на гостинките со лесни голови од контранапад. Во 56. миунта стигнаа и до двоцифрена разлика и забележаа убедлива победа.
Најефикасна во составот на Вардар беше Ивона Трпевска со 11 гола, седум постигна Ангела Костовиќ, а шест пати погоди Бојана Диневска. Во екипата на Ѓорче Петров најдобра беше Ангела Јанкуловска со десет гола, а пет постигна Симона Василева.