Тимот на КЛ7 ја почна својата ракометна приказна со цел да создава играчи кои треба да бидат потоа репрезентативци и да бидат идоли на новите генерации спортисти, како што и нив им биле некои други. И таа приказна досега добро одеше, па во тимот ги имаат едни од најталентираните млади ракометари во моментов во Македонија. Сега клубот ќе треба да „води нова борба“ да ги задржи сите играчи за да се продолжи приказната. На вратата на младите играчи веќе стигнуваат многу понуди.
Игор Ѓоргиев (20), Емилијан Ѓорговски (18) и Кристијан Симоноски (20) се тројцата ракометари за кои се заинтересирани многу клубови во Македонија. Понуди веќе добиле од Битола, Кавадарци, Охрид и Скопје за трансфер. На сите тројца им предвидуваат блескава кариера доколку продолжат да работат, и се разбира да ги искористат шансите што им се даваат.
Во ракометните кулоари се повеќе се зборува дека Ѓоргиев сигурно заминува, а за трансферот на другите двајца млади таленти веројатно ќе се знае по завршување на сезоната. Доколку најмладиот скопски суперлигаш не остане во елитата дел од играчите ќе сакаат да заминат. Во разговор за 24ракомет пред десетина дена Ѓоргиев потвди дека има понуди од неколку клубови од Македонија, но и од странство. Вели дека нема да брза и има доволно време да реши во која насока ќе се движи неговата кариера.
Ѓоргиев кој игра на позицијата лев бек/среден бек веќе дебитираше и за сениорската репрезентација на Македонија што го прави уште попривлечен за „побогатите клубови“. Емилијан Ѓорговски и Кирил Симоноски сезонава имаа одлични настапи за КЛ7.
Ѓорговски на 21 меч постигна 93 гола, а Симоноски на 20 меча – 99 гола. Симоноски на полусезоната беше избран за најдобар пивотмен од страна на читателите на 24ракомет каде имаше над вкупно 30.000 гласачи во сите категории.
КЛ7 направи голем скок бидејќи за неколку сезони успеа да стигне до Суперлигата, а сезонава за малку не влезе во плеј-офот, и сега се бори за опстанок. Во конкуренција на 8 екипи во плеј-аут, едниствено Астарион од Струмица нема шанси да остане (директно или преку бараж), а сите други седум екипи ќе се борат до последно коло. Првите две екипи остануваат и следната сезона во Суперлигата, третопласираниот игра бараж со тим од Прва лига, а другите се селат во ранг пониско.