Ракометарите на Тиквеш дојдоа до трофејот на 6. Меморијален турнир „Миле Нешкоски“ откако во финалето дојдоа до победа од 32:31 против составот на Дубочица.
Тимот на Тиквеш имаше одлично отворање на натпреварот на кој од почеток го диктираше темпото. Веќе во 14. минута имаше 9:2 и тука практично веќе и беше решен овој дуел. Гостите од Србија тешко се снаоѓаа со ракометарите на Тиквеш така што ова овозможи кавадарчани да имаат целосна контрола.
Во 20. минута водството стигна до плус осум гола, 13:5 така што можеше мирно да се продолжи во оваа средба која на полувремето имаше резултат од 17:12 во корист на кавадарчани.
Продолжението од натпреварот донесе контрола на резултатот за момците од Тиквеш кои постојано беа на позитива поголема од четири гола. Во 40. Минута се вратија на плус седум гола, 23:16, а истата разлика ја имаа и пет минути подоцна, 27:20.
Тука како да почна опуштањето што беше искористено од противникот за разликата да се намали. Дубочица се доближи во финишот и успеа да стигне на само два негатива на две и пол минути до крајот од натпреварот. Тогаш Тиквеш имаше 30:28, па Магдинчев мораше да побара тајм-аут.
На крајот беше 32:31, па Тиквеш со идентичен резултат како и при победата за пласман во финалето дојде до трофејот на овој турнир.