Во данската ракометна јавност се зголемува незадоволството од организациониот систем во Лига на Европа кај дамите. Дури и за медалистите од вториот по ранг европско натпреварување, учеството во Лига на Европа носи повеќе трошоци отколку профит.
Екипите на Виборг, Архус и Силкеборг кои обезбедија настап во Лига на Европа го откажаа своето учество, така што Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе треба да најде можност како да ги пополни испразнетите места.
Виборг речиси секоја сезона е дел од Европа, во својата клупска историја три пати ја има освоено Лигата на шампионите, но исто така има освоено неколку златни медали и во ЕХФ Купот и тогашниот КПК.
Споменатите клубови донесената одлука ја оправдуваат поради лошата финансиска криза. Според нивните проценки, една сезона во Лига на Европа ќе го чини клубот околу 700.000 дански круни, односно 100.000 долари, а бонусот за освојување на првото место кој Икаст го доби изминатата сезона е само 300.000 дански круни.
Бидејќи освојувачот на Лига на Европа, тимот на Икаст доби вајлд-карта за учество во Лигата на шампионите, во второто по ранг европско натпреварување ќе можат да се натпреваруваат само Никобинг и Копенхаген.
Тимот на Никобинг во ланската сезона играше финале токму со екипата на Икаст и беше поразен со 31:24. Уште два загарантирани билети од Данска во Лига на Европа ќе останат неискористени поради откажувањето на трите екипи.