Селекцијата на Катар дојде до победа од 26:25 против Аргентина и на тој начин со еден удар направи три работи. Прво ја шокираше Аргентина, која со реми или со триумф веќе ќе се радуваше на пласман во четврт-финалето. Потоа си отвори шанса за себе во четврт-финалето и сега чека помош од Данска, која доколку победи ќе оди во нокаут рундата. Третата работа е што и Хрватска се израдува бидејќи сега доби шанса со победа над Данска да се најде меѓу четврт-финалистите.
Ракометарите на Аргентина тргнаа сигурно во натпреварот. Доминираа особено во нападот каде што лесно успеваа да реализираат. Добрата игра овозможуваше постојано да се игра предност која растеше од минута во минута.
Водството на Аргентина брзо дојде до шест разлика односно 9:3 и тука веќе се гледаше дека составот на Катар го губи дуелот и не може да следи. Аргентинците имаа целосна контрола на играта и успеваа да бидат постојано во висока предност. Го диктираа темпото до 25. минута кога имаа 13:8 и кога се чинеше дека ќе биде сè во најдобар ред.
Петте завршни минути од првото полувреме беа поразителни бидејќи Катар реализираше четирипати, па оттаму остана прашањето кој состав ќе се израдува на победата бидејќи Катарците успеаја да се вратат во натпреварот.
Вториот дел одново донесе подобра игра од Аргентина. Барем така беше до 50. минута. „Гаучосите“ беа во постојано водство, а потоа влегоа во период на грешки. Два напади не беа реализирани и тоа резултираше со првото водство на Катар од 21:20. Овој гол брзо беше зголемен во два разлика при 23:21 така што се влезе во максимално интересна завршница.
До крајот на средбата, Аргентина се трудеше да дојде до подобар резултат и да израмни, но никако не успеваше. Во ниту еден момент не успеа да стигне до нерешен резултат, па мораше да потпише капитулација што е големо разочарување особено после големата победа над Хрватска пред два дена.