На 19 мај, златниот датум кој ќе остане запишан во спортската историја на Македонија, ќе се слави 20-годишнината од освојувањето на шампионската титула на Кометал во Лигата на шампионите. Поранешниот македонски и европски шампион, во 2002 година ја освои првата и последна титула на европска сцена.
Поранешниот спонзор на Кометал ЃП, Трифун Костовски, преку соопштение, кое беше испратено до медиумите, најави дека на 19 мај ќе се одржи примопредавањето на сите титули и трофеи кои ги имаше освоено Кометал ЃП, вклучувајќи ја и шампионската титула во Лигата на шампионите од 2002, на неговиот нов наследник, Ѓорче Петров.
,,Почитувани љубители на спортот, ракометот и особено на женскиот ракомет. На 19 мај ја чествуваме освоената титула Европски првак во женскиот ракомет на Ракометниот клуб Кометал-Ѓорче Петров. На оваа 20-годишнина имаме посебна мисија во интерес на женскиот ракомет во Македонија да ги пренесеме сите освоени трофеи и титули од поранешниот Кометал – Ѓорче Петров на денес многу амбициозниот женски ракометен клуб Ѓорче Петров ЖРК. Овој клуб ја заслужува сета поддршка со што се испраќа порака дека Ѓорче Петров и понатака живее во срцата на љубителите на овој прекрасен спорт. Благодарам до раководството на Ракометната Федерација на Македонија што дозволи да ги пренесеме освоените титули и пехари на денешниот Ѓорче Петров ЖРК. Порака до ракометарките: бидете лавици на терен, а дами во секојдневието”, напиша Костовски.
Сегашниот тим на Ѓорче Петров е формиран последнава деценија од страна на Владимир Радиќ, кој долги години беше дел од стручниот штаб на Кометал ЃП. Првично како ракометна школа која треба да создава нови ракометарки, за лани да биде преземен од амбициозна управа од луѓе кои живеат во општината Ѓорче Петров. Нивниот план е возобновување на женскиот ракомет во општината, и за таа цел во август беше организиран и женски турнир што треба да биде традиционален во иднина.
Многу поранешни и актуелни репрезентативки на Македонија беа ангажирани во клубот, каде работат и поранешни ракометари и тренери. Милева Велкова, Ане Велков, Симе Симовски се дел од ЖРК Ѓорче Петров. На годинешниот Ф4 во Купот на Македонија, Ѓорче Петров го освои 2 место откако загуби во финалето од Металург. Сега екипата на Ѓорче Петров се бори по пауза од 12 години повторно да ја врати титулата. Моментно се наоѓа на 2 место на табелата во Супер лигата.