Тимот на Бутел Скопје освои голем бод на тешкото гостување кај Охрид, 22-22. И двете екипи имаа шанса да постигнат гол во последната минута што можеби ќе значеше и триумф, но бутелци погрешија во нападот, а последниот шут на домашните заврши како плен на голманот на Бутел, Бојан Блажески.
Секогаш кога играат овие две екипи нема многу постигнати голови, па така беше и сега. По нерешените 3-3, Бутел Скопје прв се одлепи на водство со 3-5, а имаа гостите и плус три, 5-8. Сепак домашните стегнаа во одбраната, во нападот реализираа Ристески на два пати и Тот за реми, 8-8. До крајот на полувремето две екипи дадоа уште по два погодока за 10-10.
До 15-15 се играше гол за гол, а потоа повторно една мини серија на бутелци за нова предност од плус два, 15-17. Во значајни моменти гостите погрешија во нападот, а охриѓани тоа го казнија за комплетен пресврт преку Блажески и Кривокапиќ за 19-17.
Но ниту бутелци не се откажуваа од позитивен резултат. Заиграа поцврсто во одбраната, охриѓани немаа идеја во нападот и на пет минути до крајот Бутел поведе со 19-20. Охрид се врати во егал преку Блажески од пенал.
Погодија од безизлезни ситуации и двете екипи за 21-21, а Ѓорѓиевски погоди од контра во мрежата на Охрид. Не се предаваа домашните, па Тот набрзина стрелаше за 22-22, а имаше уште минута и половина да се игра до крајот.
Бутел згреши на стартот на последната минута, а охриѓани тргнаа во напад, но немаа премногу идеја и нивниот последен обид заврши со одбрана на голманот Блажески. Мечот завврши 22-22 и по еден бод за двете екипи.