По претходниот трилер натпревар против Текстилец, ракометарите на Младост Богданци забележаа уште една минимална победа. Овојпат богданчани триумфираа на гости кај Македонија Ѓорче Петров со 26-25, иако беа во негатива на две минути до крајот.
Се играше гол за гол на стартот до 5-5, пред избраниците на Оливер Димитриоски да поведат со 7-5. Гостите набрзина се вратија во егал, а до крајот на полувреме продолжи резултатската клацкалка. На пауза, Македонија Ѓорче Петров имаше плус еден, 12-11.
Во второто полувреме домашните ракометари во повеќе наврати имаа предност од четири гола, 18-14, 22-18, а гостите се кренаа од пепелта и полека се враќаа во игра за позитивен резултат од тешкото гостување.
Во 51. минута, Младост стигна до предност 24-23 и најави возбудлив финиш. Немаше голови на двете страни во следните три минути, пред Ѓорѓевски и Ангеловски да ја вратат предноста за домашниот тим, 25-24.
Младите Чрчев и Иванов во последните две минути постигнаа два гола за 26-25 за Младост, домашните имаа последен напад, но не успеаја да погодат и трите бодови заминаа за Богданци.
Најдобар стрелец во победничката екипа беше кадетскиот репрезентативец Антонио Николоски со осум гола, а искусниот Никола Роглев даде седум, додека голманите Паунков и Панов имаа вкупно 15 одбрани. Во домашниот тим се истакнаа искусните Филип Ролевски и Антонио Апостоловски, а голманите Огнановски и Трајановски собраа 12 интервенции.