Ракометарите на КЛ7 остварија златна победа во битката за опстанок во Суперлигата откако славеа во драматичен натпревар над Тиквеш со 29-28.
Кавдарчани одлично го отворија натпреварот и водеа со четири голови разлика, 3-7. Лесно го наоѓаа патот до голот на КЛ7, па на средината на првиот дел имаа и 7-11. Но оттогаш домашните возвратија со серија од 5 голови и стигнаа до реми, 12-12.
Беше 13-13, но во финишот на полувремето, кавадарчани преку Ѓорѓиески и Смиљаниќ реализираа за водство 13-15.
По 15-16, во вториот дел избраниците на Игор Котевски направија нова серија од три гола и за првпат го преземаа водството. Кавадарчани не беа цврсти во одбрана, дозволуваа лесни погодоци на КЛ7, па најчесто беа во негатива од еден или два гола.
На десет минути до крајот се влезе со реми, 22-22, а возбудувањата не изостанаа до крајот. КЛ7 водеше со еден или два разлика, но Тиквеш секогаш успеваше да намали на минус еден или да изедначи.
Во последната минута беше 28-27 за КЛ7, а Котевски викна тајм-аут. Од безизлезна ситуација, погоди Димовски за плус два, 29-27. Но Јанчев веднаш намали на 29-28, а домашните се сплеткаа во последниот напад. Кавадарчани не успеајава да организираат напад и победата остана за КЛ7.