Тимот на Еурофарм Пелистер 2 славеше лесна победа над составот на Прилеп со 28-25 во заостанатиот натпревар од групата Б во Суперлигата. Двете екипи имаа проблеми со коронавирус во последниот период, но стратезите Јовиќ и Кузманоски сметаа на сите расположиви сили за овој дуел.
Домаќините отворија со водство од 5-1 и најавија дека можеби полесно од очекувањата ќе стигнат до бодовите на овој дуел. Прилепчани намалија на 7-4, но имаа голем пад во концентрацијата во продолжението од мечот и на пауза, младите битолчани заминаа со високи плус седум, 17-10.
Во вториот дел Еурофарм Пелистер 2 имаше предност и од плус осум, 21-13, но упорните гостински ракометари врзаа три погодоци и внесоа немир кај битолчани. Во последните десетина минути се влезе со резултат 25-19.
Искусниот Чантурија на два пати и Шокоски намалија на 25-22, но Стоилевски и Кузманоски со головите за 27-22 ги решија дилемите дека бодовите ќе останат во Битола. До крајот уште по некој гол на двете страни за конечни 28-25.
Најдобри стрелци во битолскиот тим беа Кузманоски со шест и Стоилевски со пет голови, додека кај Прилеп се истакнаа Чантурија со 11 и Шокоски со четири гола. Двете екипи сега ќе чекаат да се одиграат заостанатите натпревари следната недела, па по 22 ноември, да го почнат и вториот круг од регуларниот дел во Суперлигата.