Трета радост за Овче Поле

Екипата на Македонија ЃП по серијата од пет победи, денес го доживеа третиот пораз во новата натпреварувачка сезона, откако загуби на гостувањето во Свети Николе кај Овче Поле со четири гола разлика, 28:24 (12:12), во натпревар од 10. коло од Првата лига.

Првиот дел мина во голема борба и двете екипи имаа свои моменти, но и падови. Гостите од Ѓорче Петров во речиси најголемиот дел од првите 30 минути беа подобриот противник на теренот, на моменти имаа и два гола разлика (7:5, 8:6, 9:7, 10:8, 11:9), но не успеаја да ја сочуваат предноста до пауза и на полувреме резултатот беше нерешен, 12:12.

Домашниот тим на почетокот на вториот дел со два гола во низа дојде до 14:12, пропушти неколку напади за три гола разлика и дозволи гостите да се вратат во игра, кои со погодоците на Ролевски и Ѓиновски израмнија на 14:14. Ракометарите на Овче Поле заиграа поангажирано во нападите, успеаја да воспостават свое темпо и во 40 минута дојдоа до 19:15.

Гостите не можеа да се вратат во игра, а дополнителен проблем беше црвениот картон на Филип Ролевски, кој во 55 минути поради три исклучувања мораше да се пресели на трибините. Домаќините ја сочуваа предноста до крајот и се израдуваа на третата победа во дебитанската сезона.

Најефикасни во победничката екипа беа Игор Павловски со седум и Бојан Гичев со шест гола. Во поразениот табор се истакна Максимилијан Ѓиноски со шест гола.