Репрезентацијата на Шпанија го одбрани бронзениот медал од претходниот шампионат откако вечерва ја совлада Шведска во „малото финале“ со 39:36 (15:19).
Ова за Шпанија е трет бронзен медал во шестиот натпревар за ова одличје. Воедно Шпанија повторно како и на Светското првенство 2011 година во Малме ја совлада Шведска.
Атомски ракомет одиграа репрезентациите Шведска и Шпанија во „малото финале“ на Мундијалот. За нецели 10 минути беа постигнати 14 голови и европскиот првак Шведска водеше со 8:6. Водствто во првиот дел најчесто беше за репрезентацијата за Шведска, но Шпанците имаа предност од 5:4 и 6:5. Во овој дел од играта селекторот на Шпанија Рибера играше без браќата Душебаев.
Домаќинот Шведска успеа да се одлепи во 25.минута кога поведе за првпат со +4 (19:15). Треба да се напомене дека кон средина на првиот дел селекторот на Шведска Солберг го замени првиот голман Паличка (2 одбрани) и неговата резерва Тулин до крајот на првиот дел имаше 6 одбрани, додека голамнот на Шпанија Де Варгас имаше 4 одбрани во првото полувреме кое беше во знакот на нападите.
Почетокот на вториот дел беше во знакот на „црвената фурија“ и со серија од 5-0 успеаја во 38.минута да поведат со 25:23. Во овој период шведскиот селектор да побара тајм аут, а неговата репрезентација шест минути немаше постигнато гол. Вториот голман на Шпанија Коралес за овие осум минути имаше 4 одбрани.
Во 45.минута Шпанија за првпат поведе со три голови разлика – 29:26. Шведска се обидуваше да намали, но не успеваше да го намали резултатот. Во овој период Коралес имаше „тајминг“ и одбраните му беа во вистинско време, додека по одбраните на Паличка за Шведска најчесто одбиените топки одеа во раце на шпанските ракометари.
Во 56.минута Шпанија стигна и до +4 (36:32), со што на навестија победата. Најефикасни на дуелот беа Фигуерас кај Шпанија со 9 голови без промашување, а кај Шведска 9 голови од 13 обиди постигна Ване.
Драган Начевски од Македонија беше службено лице – делегат на „малото финале“.