Ситуацијата помеѓу Украина и Русија донесе проблеми за руските и белоруските клубови, а еден од најпогодените тимови е шампионот на Белорусија Мешков Брест.
Мешков го напуштија неколку играчи како и тренерот Даниел Гордо, а на негово место дојде Дмитриј Тихон. Сега во интервју за „Брз Центар“ Тихон помеѓу другото го спомена и сегашниот тренер на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ.
„Многу луѓе имаа влијание врз мене во текот на кариерата и градењето на личноста. Тука се роднините, пријателите и сите останати со кои сум комуницирал. За моето знаење, визијата на играта, големо влијание имаше Жељко Бабиќ“.
Со Бабиќ, Тихон соработуваше во Мешков Брест во сезоната 2014/2015.
„Ги посетував тренинзите кога Жељко Бабиќ беше тука во сезоната 2014/2015. Тој сам по себе е интересна и харизматична личност, работеше и во хрватската репрезентација“, изјави Тихон.
Во Мешков додека Бабиќ беше тренер, Тихон беше задолжен за трансферите во клубот.