Еурофарм Пелистер го очекува натпреварот од петтото коло во Лигата на Европа на гостински терен против словенечкиот Тримо Требње.
Голманот Благојче Трајкоски очекува неговиот тим да игра на високо ниво во текот на целиот натпревар, а не како што досега беше случај, по едно полувреме.
„Треба да се очекува сега Еурофарм Пелистер да игра добро во текот на целиот натпревар, а не само едно полувреме. Паднавме во вториот дел и на првиот и на вториот натпревар. Недостатокот на натпревари нè чини два бода. Против Шафхаузен тоа ни се повтори, скоро цел тим излезе од карантин непосредно пред натпреварот и се виде таа слабост. После карантин тешко се игра. Против Рајн Некар Левен исто така бевме солидни во првиот дел, но потоа паднавме во продолжението. Убеден сум дека во Словенија ќе дадеме максимум во текот на целиот натпревар. Тримо Требње е компактна екипа, брзиот противнапад ја краси екипата. Играат многу брзо, скандинавски, баш како ГОГ Гудме. Спремивме тактика за нивната брза игра и се надевам дека ќе ги онеспособиме во тој противнапад“, вели Трајкоски.
Натпреварот меѓу Тримо Требње и Еурофарм Пелистер се игра утревечер со почеток во 20:45 часот во салата „Тиволи“ во Љубљана.