Голманот на Еурофарм Пелистер 2, Благојче Трајкоски, со 20 интервенции беше најзаслужен за победата на неговиот тим против Охрид, 26:22, во натпревар од 5. коло во плеј-оф фазата од најквалитетното натпреварување во Македонија.
Домаќините со голот на Петар Атанасијевиќ, кој погоди од контра, поведоа на стартот и за осум минути игра дојдоа до водство од 3:1. Избраниците на Раде Стојановиќ во првите десет минути тешко доаѓаа до израз поради цврстата одбрана на младите „фармацевти“, кои со главниот играч во својата одбрана, Николовски, не дозволуваа многу простор на гостинскиот состав.
Водството на Еурофарм Пелистер 2 по петнаесетина минути игра беше 5:3. Охриѓани со серија од 2:0, односно со головите на Манасков и Шилегов го израмнија резултатот на 5:5. Во следниот период се разбрани Трајкоски, додека неговите соиграчи со три гола во низа му донесоа на својот тим плус три гола предност, 8:5. Домашниот табор во завршниот дел од првото полувреме со контри и полуконтри ја надогради својата предност и на пауза замина со плус четири позитива, 13:9.
Исто како во првото полувреме, така и во второто, домаќинот имаше целосна контрола на терен. Во 40 минута резултатот беше 16:11 во корист за Еурофарм Пелистер 2. Тренерот на домаќините, Александар Јовиќ, имаше можност да менува, проверува, тестира, и секој што доби шанса од неговиот состав максимално ја искористи.
Охрид се обидуваше да дојде до помала резултатска негатива и да се избори за евентуален егал, сепак, расположените ракометари на Еурофарм Пелистер 2 константно беа во водство од три до четири гола разлика. На десет минути пред финишот при резултат од 22:17 за Еурофарм Пелистер 2, јасно беше кој ќе ги освои бодовите во спортската сала „Боро Чурлевски”.
Еурофарм Пелистер 2 беше предводен од голманот Благојче Трајкоски со 20 интервенции, додека во нападот одличен беше Емилијан Ѓорговски со седум погодоци. Кај Охрид се истакнаа Филип Кривокапиќ и Мице Шилегов со по четири погодоци.