Тимот на Еурофарм Пелистер по долга пауза конечно одигра официјален натпревар. На гостувањето кај данскиот ГОГ Гудме во Лигата на Европа, битолчани загубија со 30-29, иако заслужија да освојат најмалку бод на овој натпревар.
Еден од најдобрите поединци на дуелот во Данска беше голманот Благојче Трајкоски. Тој смета последните три минути беа клучни за исходот.
„После осум месеци играме повторно ракомет, за наша среќа и задоволство европски ракомет, игравме пред публика, се надевам дека ќе продолжи вака и натаму ќе се игра ракомет. По ждрепката беше јасно дека ќе биде израмента група, против ГОГ покажавме дека можеме и знаеме да играме европски ракомет. Данците играат ист ракомет, трчаат во текот на цел меч и без разлика дали губат десет или водат десет голови, не отстапуваат од договореното. Ние пробавме да ја сопреме нивната брза игра, но на крајот не успеавме. Имавме два шута, еден за победа еден за нерешено, не ги погодивме, не успеавме да се одбраниме, последните три минути беа клучни. Имаме многу нови играчи, имаме нов концепт на игра за разлика од претходните години, се чувствуваме добро, играме добро, тренираме добро, момците на терен живеат еден за друг, сите за еден, еден за сите, затоа делуваме така на теренот“, вели Трајкоски.
Во следниот натпревар од Лигата на Европа, Еурофарм Пелистер на домашен терен ќе го пречека составот на Кадетен Шафхаузен.