Екипата на Металург, која во изминатата сезона заврши на 3. позиција во домашниот шампионат, со убедлива победа стартуваше во новата сезона во Женската лига, откако во спортската сала „Антон Димитров“ без проблеми славеше над амбициозниот тим на Овче Поле Славјански Универзитет, со резултат 41:21 (20:11), во натпревар од групата Б.
Во првите петнаесетина минути од натпреварот резултатот најчесто беше нерешен и ниту една од двете екипи не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол. По нерешениот резултат од 7:7, избраничките на Јулијана Дамчевска со серија од 3:0, односно со погодоците на Божиноска и Трајковиќ се одлепија на плус три гола разлика, 10:7. Тоа беше причина тренерот на гостинската екипа Илија Бетувски да побара тајм-аут, со цел неговите избранички да заиграат поангажирано во остатокот од дуелот.
Сепак, Металург со расположената Трајковиќ, која главно погодуваше од контри, во 20 минута стигна и до највисокото водство од пет гола разлика, 12:7, а минута подоцна со двата погодоци на средниот бек Ива Божиноска дојде и до 14:7. Веќе во тој момент стана јасно дека гостинките од Свети Николе ќе треба да дадат 100% од силите за да можат да се вратат во натпреварот.
Овче Поле Славјански Универзитет имаше кризен период, во кој цели десет минути не успеа да постигне гол во мрежата на домашниот тим. Металург во последните десет минути ја казнуваше секоја грешка на противникот и по 30 минути игра веќе ја имаше обезбедено победата, откако на пауза замина со убедлива предност од 20:11.
Во 32 минута црвен картон заработи кружниот напаѓач на Металург, Александра Коловска поради три исклучувања. По десет минути игра во вториот дел, кој повеќе беше формалност, резултатот беше 27:15 за тимот од Автокоманда. Во останатиот дел од натпреварот, тренерот на Металург, Јулијана Дамчевска шанса им даде и на останатите ракометарки од клупата, кои ја оправдаа довербата и не му дозволија на противникот да дојде до помала резултатска негатива.
Металург голготерски беше предводен од левото крило Мила Трајковиќ, која постигна дури 17 погодоци, додека втор стрелец во победничката екипа беше Ива Божиноска со 11 погодоци. Во екипата на Овче Поле Славјански Универзитет најрасположени за игра беа Елена Стојанова со осум и Анастасија Сентовска со пет погодоци.
Во следното, второ коло, составот на Металург ќе гостува во Прилеп кај Деспина, додека Овче Поле Славјански Универзитет првите бодови во новата сезона ќе ги бара на домашен терен против екипата на Стружанка.