Ракометарките на Металург откако во претходното коло беа поразени од Ѓорче Петров, денес на гостувањето во Струга кај Стружанка забележаа убедлива победа, со резултат 31:16, во натпревар од 13. коло од Женската лига.
За Металург денешниот триумф беше деветти во новата натпреварувачка сезона и со новите три бода се зацврсти на 2. позиција на табелата во групата Б. На првиот натпревар меѓу двете екипи триумфираше Металург со 22:19.
Избраничките на Јулијана Дамчевска уште по првиот дел ја обезбедија победата. Струга парираше само во воведниот дел, а по водството на домаќинот од 2:1, гостинките со серија од 6:0 се одлепија на 7:2, потоа имаа и 13:5 и веќе беше јасно кој ќе слави. По 30 минути игра резултатот беше 15:7 за гостинскиот состав.
Второто полувреме беше шанса за сите ракометарки да добијат шанса за игра, а предноста на тимот од Автокоманда беше дуплирана. Струга единствено преку Делиоска успеваше да дојде до погодок, но тоа беше недоволно, бидејќи споменатата ракометарка немаше поддршка од своите колешки.
Најефикасна во победничката екипа беше Мила Трајковиќ со девет гола, додека по пет реализации имаа Итана Лабовиќ и Ива Младеновска. Во поразениот табор се истакна Магдалена Делисока со 10 погодоци.