Македонската репрезентативка Леонида Гичевска во пролетниот дел од сезоната ќе ги брани боите на четирикратниот француски шампион Безансон.
Францускиот тим освојуваше злато во 1988, 1998, 2001 и 2003 година, а минатата сезона беше веднаш зад тројката Брест, Мец и Париз. Овој клуб има и четири трофеи во Купот на Франција, како и една европска титула во Купот на победниците на Куповите. Своевремено играше во Лигата на шампионите и беше чест ривал на Кометал Ѓорче Петров.
Гичевска ќе му биде на располагање на тренерот Себастијан Мизуле на левата и средна бековска позиција, а во Безансон покрај Македонката, има интернационалки и од Шведска, Јапонија, Норвешка, Црна Гора…
Безансон оваа сезона настапува во второто по ранг клупско европско натпреварување, Лигата на Европа во група со норвешкиот Молде, унгарскиот Шиофок и германската Борусија Дортмунд, па Гичевска ќе ги продолжи настапите и на европска сцена.
Левиот бек потекнува од Свети Николе, во Македонија ги бранеше боите на Вардар Јуниор, Вардар, Металург и Куманово, а на меѓународна сцена настапуваше за француските Ле Самбр Авенуа и Ле Пузен, како и хрватската Локомотива Загреб, со која беше дел од Лигата на шампионите.
Со националниот тим на Македонија настапи на ЕП 2022 година, а ќе биде еден од адутите на селекторот Љубомир Савевски за бараж двомечот со Украина за место на СП 2023 година.