- Третопласираниот тим од романскиот шампионат, Глорија Бистрица, објави за ново засилување пред стартот на новата сезона – Нина Булатовиќ. Црногорското десно крило досега беше членка на Будуќност, а претходно 26-годишната ракометарка играше за Јагодина и Кастамону.
- Поранешниот тренер на Мешков Брест, Раул Алонсо, ја напушта тренерската функција во тимот на Ерланген и ќе биде само спортски директор на бундеслигашот. Од јануари 2022 година, Шпанецот ги комбинираше двете функции, но сега Ерланген е во потрага по друг стратег.
- Шпанскиот Адемар Леон објави за потпишаната соработка со српскиот пивотмен Иван Поповиќ. 29-годишниот кружен напаѓач минатата сезона играше за Торелавега, а во Асобал лигата веќе е староседелец, бидејќи настапуваше за тимовите на Бидасоа Ирун и Гранољерс.
- Белорускиот вицепрвак СКА Минск има нов тренер, откако досегашниот Игор Папруга беше заменет со легендарниот репрезентативец Дмитри Никуленков. Тој досега му беше асистент на Папруга, а отсега ќе ја има главната улога, додека Папруга ќе биде спортски директор на тимот од Минск.
- Руските ЦСКА Москва и Зенит си ги заменија чуварите на мрежата пред стартот на новата сезона. Дмитри Кузнецов од ЦСКА Москва со која стана шампион во штотуку завршената сезона, ќе се пресели во Санкт Петербург, додека во спротивна насока ќе замине Никита Никулин.
- По Стефан Петриќ кој потпиша за Вардар, од тимот на Партизан заминаа уште двајца играчи. Станува збор за голманот Андреј Трнавац, кој ќе го засили српскиот шампион Војводина, како и за пивотменот Мартин Варга, кој заминува во Словенија и ќе игра за Слован Љубљана.