ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Томашевиќ во ПАОК, Шарац останува во Гепинген

  • Поранешната репрезентативка на Србија, Катарина Томашевиќ во останатиот дел од натпреварувачката сезона 2022/23 ќе настапува за грчкиот шампион ПАОК. Голманката за тимот од Солун ќе биде големо засилување, бидејќи во својата кариера настапуваше за неколку познати клубови. Беше дел од Хипо, Ференцварош, Есбјерг, Бера Бера, Зајечар, Турингер, Нант и Дунајварош. Од 2019 година го носи дресот на Сомбатељ од Унгарија. Во ПАОК ќе настапува со двете ракометарки од Македонија, Александра Боризовска и Сања Дабевска.
  • Хрватскиот репрезентативец Јосип Шарац одлучи да ја продолжи соработката со Гепинген. Левиот бек, кој има 25 години, се покажа во одлично издание во Бундес лигата. Челниците на клубот и екс ракометарот на Целје потпишаа нова соработка, со важност до 2025 година. Шарац моментално во оваа сезона во Бундес лигата има постигнато 68 погодоци на 21 одигран натпревар, додека во Лига на Европа е меѓу најдобрите стрелци, има постигнато 50 погодоци.
  • Според пишувањата на „RTH Handball“, репрезентативецот на Аргентина и актуелен член на Монпелје, Лукас Москариело ќе биде новото засилување во тимот на Бенидорм. Искусниот кружен напаѓач токму од Асобал лигата пристигна во екипата на Монпелје каде што настапува две сезони. Москариело најголемиот дел од својата кариера го мина во Шпанија, настапуваше за Куенка и Виља де Аранда.
  • Репрезентативката на Црна Гора, Ѓурѓина Маловиќ од следната сезона ќе го носи дресот на Крајова. Црногорката во романскиот суперлигаш ќе пристигне од редовите на француски Тулон, клуб во кој настапува од 2021 година. Некогашната голема надеж на Црна Гора играше во Љублин, МТК Будимпешта, Ференцварош, Будуќност и Даниловград. Маловиќ ги има поминато сите младински категории на Црна Гора и веќе неколку години е стандардна во сениорската репрезентација.
  • Балатонфуреди ја продолжи соработката со капитенот Ласло Кемен. 30-годишниот ракометар во редовите на амбициозниот тим од Унгарија ќе остане до крајот на натпреварувачката сезона 2024/2025. Екипата на Балатонфуреди не успеа да се пласира во осминафиналето во Лига на Европа и своите настапи ќе ги продолжи во унгарскиот шампионат каде моментално се наоѓа на 6. позиција на табелата.