ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Рисовиќ има нов клуб, ГОГ на шопинг во Фленсбург

  • Репрезентативката на Србија, голманката Јована Рисовиќ својата кариера ќе ја продолжи во Романија. Србинката, која од сезона 2020/21 го носи дресот на Крим, во следната сезона ќе биде дел од амбициозниот тим на Крајова. Романскиот тим ја ангажираше и репрезентативката на Црна Гора, Ѓурѓина Маловиќ, како и двете сонароднички на Рисовиќ, левиот бек Бојана Милиќ и кружниот напаѓач Катарина Бојичиќ. Во Крајова настапува и екс ракометарката на Металург, Катарина Крпеж.
  • Според информациите на „Афтонбладет“, данскиот шампион ГОГ е заинтересиран за ракометарот на Фленсбург, Антон Линдског. Кружниот напаѓач од Шведска во последните две сезони настапува во Бундес лигата, а претходно го носеше дресот на Кристијанштад. ГОГ за следната сезона се засили со Линус Персон од Нант и Александар Блонц од ПИК Сегед. Интересно е тоа што двајца играчи на ГОГ, Симон Питлик и Лукас Јоргенсен, на лето ќе го засилат Фленсбург.
  • Десното крило на Целје, Гал Маргуч, би требало да биде новото, четврто засилување во Нексе, пренесува „RTH Handball“. Клубот од Нашице претходно го ангажираше сонародникот на Маргуч, Марко Безјак, кој во хрватскиот вицепрвак ќе пристигне од Магдебург, потоа искусното лево крило на Веспрем, Мануел Штрлек и репрезентативецот на Израел, левиот бек Адир Кохен од Трембле.
  • Чешката репрезентативка Сара Коварова по едногодишниот престој во Крим ќе се пресели во полскиот шампионат. Десниот бек е најновото засилување во екипата на Љублин. За нејзе клубот од Полска ќе биде трето интернационално искуство, по настапите за Кастамону и Крим. 24-годишната ракометарка во својата татковина го носеше дресот на Бањик Мост.