- Екипата на Бидасоа објави дека се засили со бразилски репрезентативец. Станува збор за довчерашниот ракометар на Татран Прешов, Педро Пачеко. Бразилецот иако со Татран Прешов имаше договор до летото, 2023 година, сепак, не беше заинтересиран да остане во словачкиот шампион. Средниот бек со шпанскиот клуб потпиша договор на две и пол сезони и ќе претставува вистинско засилување за останатите дуели од Лига на Европа, како и за натпреварите од шпанското првенство.
- Според информациите на fla.de, 26-годишниот ракометар од Норвешка, Аксел Хорген на лето ќе ја промени клупската средина. Норвежанецот, кој од 2020 настапува за Бјерингбро Силкеборг, во следната сезона ќе му се приклучи на поранешниот европски шампион Фленсбург.
- Освен Аксел Хорген, во бундеслигашот би требало да пристигне и актуелниот член на ГОГ, Лукас Јоргенсен. Младиот ракометар настапува на позицијата кружен напаѓач и Фленсбург за него ќе биде првиот интернационален предизвик во својата кариера.
- Репрезентативецот на Австрија,Тобијас Вангер, кој моментално настапува за Тулуз, во следната сезона ќе го носи дресот на Брегенц. Кружниот напаѓач со раководството на Брегенц се договори на двегодишна соработка. Вангер во својата кариера играше и за екипите на Балинген и Фиверс.
- Десното крило Умберто Бронзо кариерата ќе ја продолжи во Данкерк. 22-годишниот репрезентативец на Италија настапува во домашниот шампионат, поточно во екипата на Сасари. Во францускиот суперлигаш ќе остане најмалку две сезони.