- Шпанскиот интернационалец Хаиме Фернандез веднаш ќе му се стави на располагање на Монпелје, откако искусниот Хуго Дескат заработи повреда и нема да биде во можност да му помогне на клубот за останатите дуели од сезоната. Шпанецот во редовите на Монпелје пристигна од редовите на Нордхорн, клуб кој се натпреварува во втората Бундес лига. Фернандез во францускиот шампионат ќе остане најмалку до 2026 година и ќе има можност својот квалитет да го покаже во една од најквалитетните лиги на светот.
- Репрезентативката на Данска, Симоне Бем кариерата ќе ја продолжи во Романија. Искусната ракометарка, која моментално настапува за актуелниот шампион на Турција, Кастамону, во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе го носи дресот на Таргу Жиу. Бем најголемиот дел од својата кариера го мина во својата татковина. Таму настапуваше за Рандерс, Силкеборг и Виборг. Во сезона 2016/17 беше дел од големиот проект на ЧСМ Букурешт. Откако го напушти клубот од романската престолнина, три сезони настапуваше за Шиофок, додека во оваа сезона е дел од Кастамну.
- Екипата на Креинс Луцерн за следната сезона ќе биде посилна со голманот од Монпелје, Кевин Бонефо. Повремениот репрезентативец на Франција одлучи по четири сезони да го напушти Монпелје и да го засили швајцарскиот клуб. Бонефо го чуваше голот и на Нант, Тулуз, Истр, Сент Рафаел и Сесон. Во меѓувреме, раководството на клубот за остатокот од сезоната се засили со голманот Емен Патрик.
- Една од најперспективните ракометарки од Ѓер, левото крило Доротеја Фалувеги на лето го има првиот интернационален предизвик. 24-годишната ракометарка е првото засилување во амбициозниот Битигхајм. Унгарката во бундеслигашот ќе биде замена за Трине Остергард, која ќе се пресели во ЧСМ Букурешт. Фалувеги од 2019 година е дел од поранешниот европски шампион. На почетокот на својата кариера настапуваше за Ференцварош.