ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Дебелиќ останува во европскиот шампион, Мец не менува тренер…

  • Актуелниот шампион на Европа, Вајперс Кристијансад го продолжи договорот со уште еден важен играч. Станува збор за кружниот напаѓач Ана Дебелиќ, која во норвешкиот шампион ќе остане најмалку до 2025 година. Вајперс Кристијансад претходно ги продолжи договорите со Катрин Лунде и руската репрезентативка Ана Вјахирева. Двете ракометарки, исто така ќе останат најмалку две сезони во европскиот шампион.
  • Тренерот на Мец, Емануел Мајонад го продолжи договорот со францускиот клуб на уште една сезона. Искусниот тренер е предводник на кормилото на Мец од 2015 година. Французинот на двапати ја добиваше наградата за најдобар тренер во Лигата на шампионите. Мајонад беше предводник на репрезентацијата на Холандија, со која стана светски шампион во 2019 година.
  • Довчерашниот ракометар на Елверум, Стиг Нилсен има нов клуб во својата кариера. Искусниот ракометар, кој поради семејни причини реши да не продолжи во клубот кој што се натпреварува во Лигата на шампионите, во продолжението ќе игра за тимот на Халсум.
  • Некогашниот ривал на ЖРК Вардар во Лигата на шампионите, Бера Бера се засили со две ракометарки од екипата на Бург де Пеж, која пред извесен период прогласи банкрот. Станува збор за репрезентативката на Аргентина, Елке Карстен и искусната Марие Луис. Двете ракометарки во шпанскиот суперлигаш ќе останат до крајот на оваа сезона.
  • Репрезентативката на Норвешка и актуелна членка на Брест Бретањ, Хелена Фауске на лето ќе се пресели во екипата на Нант. Средниот бек со екипата на Нант се договори на двегодишна соработка и во амбиицозниот клуб ќе настапува најмалку до јуни, 2025 година. Фауске минатата сезона беше најдобар стрелец на Брест Бретањ во рамки од Лигата на шампионите, постигна 87 погодоци. Во својата кариера настапуваше и за екипите на Икаст и Стабаек.