- Австрискиот репрезентативен голман Томас Бауер, кој во 2020 година беше понуден на Вардар и Еурофарм Пелистер од неговата менаџерска агенција, реши да се врати во својата татковина. Искусниот голман, кој моментално настапува во грчкиот шампионат и го носи дресот на Олимпијакос, во следната сезона ќе го брани голот на Румс Јагс Вослау. Бауер во Олимпијакос направи трансфер од АЕК Атина, додека во Грција пристигна од Порто. Во својата кариера настапуваше и за неколку австриски клубови.
- Екипата на Синфин, која се наоѓа во опасната зона за испаѓање од Асобал лигата, реши да се засили со младиот ракометар од Египет, Омар Шериф. 21-годишниот ракометар во Шпанија пристигна од Ал Ахли и ќе има задача да му помогне на Синфин да остане во Асобал лигата. Двете страни се договорија на соработка, со важност до крајот на натпреварувачката сезона 2022/23.
- Според пишувањата на унгарскиот портал „Nemzeti Sport”, средниот бек на Унгарија, Егон Хануш ќе го продолжи својот престој во Бундес лигата, поточно во тимот на Штутгарт. 25-годишниот ракометар во Штутгарт ќе остане уште една сезона и не е исклучена можноста да ја продолжи соработката со бундеслигашот по завршувањето на сезона 2023/24. Хануш ги засили редовите на Штутгарт во минатата сезона, откако го напушти неговиот матичен клуб Чургу и одлучи да се проба на интернационално ниво.
- Најдобрата ракометарка во Србија за 2022 година, кружниот напаѓач Катарина Бојичиќ во следната сезона ќе го има првиот интернационален противник. Ракометарката на Јагодина ќе се пресели во Крајова. Романскиот суперлигаш, кој за оваа сезона има буџет од околу 1.8 милиони евра, го потврди трансферот на повремената репрезентативка на Србија.
- Некогашниот учесник во Лигата на шампионите, Астраханочка ги продолжи договорите со три млади ракометарки. Станува збор за левото крило Татјана Гаценко, пикерот Ана Раздолгина и голманката Алина Прокопјева. Сите три ракометарки имаат по 19 години и успешно настапуваат во рускиот шампионат, во кој тимот на Астраханочка се наоѓа на 3. позиција.