Ракометарите на Вардар се наоѓаат пред нов предизвик во Лигата на шампионите, а утре го играат натпреварот од 4. коло против Монпелје. Ова е трета средба по ред на домашен терен, а добрите резултати досега најавуваат уште еден убав ден.
Пред овој дуел, пивотот Жереми Тото ги искажа своите очекувања и тој смета дека за добар резултат утре ќе мора да се одигра квалитетно во одбраната.
„Мораме од почетокот на натпреварот да одиграме силна одбрана и да бидеме фокусирани 60 минути. Не можеме да го гледаме поразот од Сесон во шампионатот на Франција, затоа што во Лигата на шампионите го победија Кил. Имаат брз тим, брзи крила и затоа мора да одиграме силно во дефанзивата“, вели Тото.
Тој смета дека двете недели подготовка за овој дуел ќе треба да го дадат резултатот така што може да се очекува убава средба.
„Досега имаме добар резултат и се надевам дека ќе ја продолжиме серијата. Две недели се подготвувавме за овој дуел и мислам дека ќе го дадеме најдоброто од себе“, коментираше пивотот на вардарци.
Средбата се игра утре, а почнува од 20:45 часот. Се игра во СЦ „Јане Сандански“.