Машката репрезентација и овој јануари ќе го направи ракометен. Иако до последен момент беше неизвесно, сепак Македонија ќе игра на Светското првенство во Египет.
Прв ривал на момците на Брестовац ќе биде селекцијата на Шведска, а голманот Мартин Томовски вели дека групата е по мерка.
„Во нашата група мислам дека сите противници се по мерка и можеме да се носиме со секоја репрезентација. Во група го имаме Чиле и мислам дека е добро што одигравме неколку пријателски натпревари против нивната репрезентација во Скопје. Добро е што го познаваме составот на Чиле и имаме некоја претстава за нивната игра и за тоа како функционираат. Што се однесува за Шведска и Египет, имавме кратко време, но добро ги анализиравме. Со голманските колеги добро се подготвуваме за нивните шутери од надворешните позиции. Искуството кое го стекнав во Бундеслигата ќе биде исто така од голема корист бидејќи дел од репрезентативците во Шведска играат во Германија. Ќе се фокусираме на секој натпревар и ќе се бориме до крај за да ја израдуваме македонската јавност и да направиме добар успех во Египет“, вели Томовски за 24Ракомет.
Македонија и Шведска ќе играат вечерва во Каиро со почеток во 20:30 часот.