Томовски останува верен на Вардар!

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски, кој во екипата на Вардар пристигна минатата година, ќе ја одработи и втората сезона од договорот со „црвено-црниот“ тим.

Томовски беше еден од најзаслужните што Вардар успеа да ја одбрани дуплата круна во изминатата сезона. Вардар на голманската позиција за следната сезона ќе го има на располагање и младиот голман Васил Гогов, додека тренерот на голманите, искусниот Борко Ристовски, ќе биде во комбинација ако биде потребно.

Како што е веќе познато, клубот ќе учествува само на домашна сцена и во СЕХА лигата, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши да го исклучи македонскиот шампион од настапите во Лигата на шампионите.

Вардарци следната недела ќе ги започнат подготовките за новата сезона, ќе настапат на Струшкиот турнир, а потоа ќе играат и во четвртфиналето од СЕХА лигата против хрватскиот Нексе Нашице.