Мартин Томовски со својот Лудвигсхафен доживеа пораз на домашен терен од Мелсунген со 27:30 во натпревар од 16. коло во Бундес лигата и ја продолжи серијата без триумф.
Репрезентативниот голман на Македонија уште еднаш имаше одлично издание за својот тим. Томовски бранеше во текот на целиот натпревар и успеа да забележи девет одбрани од кои две беа од седмерец.
Голем дел од првото полувреме се играше израмнето, двете екипи се менуваа во водство, но предноста беше минимална и на едната и на другата страна. Во завршните моменти од првиот дел Мелсунген создаде предност од три гола, 14:11.
Во продолжението Лудвигсхафен во неколку наврати успеа да намали само на минус еден, но никако не успеваше да израмни. До крај на натпреварот Мелсунген одолеа на налетите на домашниот тим и оствари победа.
Лудвигсхафен и Томовски остануваат на претпоследната позиција на табелата со само девет бода после 22. одиграни кола. Во следното коло Томовски ќе има нова шанса за прекинување на лошата серија на домашен терен против последнопласираниот Кобург.