Томовски: Наша цел беше било каква победа, но овие седум голови многу ќе ни значат!

Вардар триумфираше со седум гола разлика, 31-24, во првото дерби на македонскиот ракомет против Еурофарм Пелистер.

Еден од клучните фигурни на домашниот тим беше голманот Мартин Томовски со 12 одбрани, кој вели дека успешно го одбраниле домашниот терен.

„Тргнавме во грч, но потоа се консолидиравме. Штета што се случи немилиот настан, па мораше да има прекин. Ние имавме само една една цел – да го одбраниме домашниот терен. Тие беа гости, а ние требаше да го браниме домашниот терен. Им честитам и на нив, затоа што пружија голема борба, тие се квалитетен тим. Бевме добро анализирани, но со некои индивидуални квалитети и силна одбрана во вториот дел, успеавме да создадеме разлика“, вели Томовски.

Вардар ќе брани седум гола предност во Битола на реванш средбата во мај.

„Нашата цел беше да победиме пред се, секако резултатот беше во втор план, победата беше најважна. Сепак кога ни се укажа прилика, гледавме да ја искористиме и овие седум гола сигурно ќе бидат потребни“, заврши Томовски.

Доколку двете екипи немаат киксови против другите екипи, по мечот во Битола ќе биде познат македонскиот шампион.