Ракометарите на Вардар се блиску до место во финалето на Купот на Македонија и да го бранат трофејот освоен лани во Кавадарци, откако во полуфиналниот меч го водат по првиот дел против Алкалоид со 14-9. Тимот на Недановски предводен од голманот Мартин Томовски, кој има неверојатно 12 одбрани за едно полувреме, без премногу мака стигна до висока предност.
Вардарци отворија со водство од 3-1, но Трајкоски му запре еден шут на Стоилов, потоа уште еднаш погрешија „црвено-црните“ и Алкалоид израмни на 3-3 преку репрезентативецот Серафимов.
Потоа се играше гол за гол, дебитантот на завршниот турнир при 5-5 имаше шанса првпат да поведе на мечот, но Серафимов не беше успешен. Талески казни на спротивната страна, а Томовски одбрани зицер.
Голманот на Вардар блескаше, фати уште три чиста шута и вардарци веќе по петнаесетина минути се одлепија на плус четири, 9-5. Лазаров побара тајм-аут, но ниту тоа не им помогна на неговите избраници.
Томовски продолжи со одличната партија и Вардар постигна уште два гола во серија за 11-5, па го најави победникот на овој натпревар. „Црвено-црните“ лесно го одржуваа водството во продолжение.
Дебитантот на Ф4 промаши и пенал, но потоа успеа да стопи дел од негативата, а голманот Трајкоски се погрижи за Вардар да води само со плус пет на паузата. Најдобри стрелци кај Вардар се Дејан Манасков со шест гола и Гоце Георгиевски со три, додека кај Алкалоид, Мартин Серафимов даде исто толку.