Mакедонскиот шампион по неполна година го напушти бразилскиот десен бек Жозе Толедо. Неговата улога во „црвено-црната“ клупска историја сигурно нема да се памети, а особено откако поради пандемијата на корона вирусот и немаше славна завршница.
Искусниот бразилски репрезентативец ја пропушти речиси целата сезона откако имаше оперативен зафат на коленото кон крајот на летото 2019 година, па првите чекори на паркетот во „Јане Сандански“ ги направи дури овој февруари.
Толедо потпиша двегодишен договор со Вардар, но поради финансиските проблеми на старото раководство, тој се одлучи предвреме да го раскине договорот и да потпише за романската екипа Баја Маре, каде во женскиот тим настапува неговата поубава половина.
Бразилецот имаше краток престој во Скопје, но се одлучи на соодветен начин да се прости од навивачите и испрати убава порака преку социјалните мрежи, а започна на македонски со зборовите „Благодарам многу Република Македонија!“…
Благодарам многу Република Македонија! Од семејни и приватни причини нема да бидам дел од иднината на Вардар.
Би сакал да им се заблагодарам на сите соиграчи што ги имав минатата сезона, на сите кои работеа во клубот и на целиот народ на Македонија, без исклучок!
Како и на оваа фотографија, се надевам дека ќе погледнам и ќе се насмевнам кога ќе го видам знамето на Република Македонија и симболот на Вардар на највисоко место на подиумот, каде што припаѓа и никогаш не требаше да го нема.
Ви благодарам и илјада извинувања што не успеав да го докажам мојот потенцијал како што сакав!- напиша Толедо во пораката за збогум со навивачите на Вардар.