Најверојатно не постои човек во нашата земја, кој не го памети големиот успех на Кометал ЃП во сезона 2001/2002. Ракометарките на Кометал ЃП на 19 мај, 2002, во СЦ Кале го играа реванш натпреварот од финалето од Лигата на шампионите со тогашниот великан од Унгарија, Херц Ференцварош, натпревар на кој кометалки успеаја да дојдат до триумф од 26:22, со што ја освоија првата и единствена титула во Лигата на шампионите.
Огромна заслуга за големиот успех оди на сметка на тогашното десно крило во Кометал ЃП, Наталија Малахова (подоцна Тодоровска), која во поранешниот македонски шампион пристигна во текот на 2001 година, заедно со Олга Бујанова од АКВА Волгоград.
Тодоровска во интервју за рускиот портал „Брз Центар, зборуваше за својата ракометна кариера во Русија и Македонија, големата радост со Кометал ЃП, прославата на шампионската титула на плоштадот, нејзиниот настап на СП во 2005 година…
Тодоровска во интервјуто раскажа интересна случка која се случила на Светското првенство во Гермнаија, 1997 година, првенство на кое Русија заврши на 4. позиција, а Наталија ја добива наградата за најдобро десно крило на Мундијалот.
„Ние често доаѓавме во Македонија, вклучително и со репрезентацијата на Русија и секогаш велев дека никогаш нема да играм овде. Интересно е што тогашниот судија Марјан Начевски на Светското првенство во 1997 година ми кажа дека дефинитивно ќе дојдам да играм во неговата татковина. Јас одговорив: никогаш во мојот живот! Тој рече: ќе видиш дека така ќе биде. На крајот, неговото предвидување се оствари. Затоа, никогаш не вели никогаш“.
Пред да дојде во Кометал ЃП, Тодоровска на своја адреса добива и понуда од Шлагелсе, кој тогаш беше предводен од поранешната репрезентативка на Данска и еден од легендите на женскиот ракомет, Ања Андерсен. Сепак, упорноста на раководството на Кометал ЃП, четири понуди по ред, било пресудно Тодоровска да потпише за клубот од Скопје.
„Лесно можев да играм и во Норвешка и во Данска (Ања Андерсен многу сакаше да ме види во Шлагелсе и понуди многу пари). Но, јас не ги ни разгледав овие опции, бидејќи ги сметав скандинавските земји за депресивни. Таму речиси нема сонце, има многу влага… Ужас….Во Македонија во оваа смисла е многу подобро. Народот е како нас, Русите, пријателски расположен, отворен, православен…Јазиците се поврзани. Покрај тоа, Македонија е веднаш до Грција и блиску до Средоземното Море. За мене изборот беше очигледен. По пристигнувањето, дознав дека и Оља (Олга Бујанова) е тука“.
За финалето од Лигата на Шампионите против Херц, поранешната ракометарка на Кометал ЃП била импресионирана од големата бројка на симпатизери, како во Кале, така и на главниот плоштад во Скопје.
„Тоа беше многу важен ден за Македонија. Таква гужва на луѓе на едно место досега немало, дури и на политички митинзи. Повеќе од 2000 фанови се собраа во нашата сала Кале и уште околу 30.000 луѓе на плоштадот. Луѓето го гледаа преносот на голем монитор. Се сеќавам дека публиката беше пуштена во салата во 3 часот попладне, поради лошата вентилација таму немаше воздух. Ќерка ми (Јулија) мораа да ја извадат надвор. Сите сакавме да ја оправдаме довербата по секоја цена. Да докажеме дека една мала земја е способна за големи работи. Кога победивме, немав сила да славам….Не однесоа на плоштадот и во толпата се правеа тесни редови низ кои не водеа до бината. Пред тоа никогаш од ништо не се плашев, но кога луѓето почнаа да не влечат во различни правци, за прв пат сериозно се плашев за мојот живот. Се чинеше дека само уште малку и ќе бидеме искинати на парчиња. За време на прославата го изгубив телефонот, но, за среќа, луѓето брзо ми го вратија“.
Иако Евгениј Трефилов, поранешен селектор на женската сениорска репрезентација на Русија, инсистирал Тодоровска да игра во квалификациските натпревари против Шпанија во Тољати, сепак таа одлучува да се приклучи кон македонската репрезентација и да го носи „црвено-жолтиот“ дрес.
„Во 2003 година, Трифун Костовски стана претседател на ракометната федерација на Македонија и почна да избира играчи за националниот тим. Македонките во тоа време не играа никаде, играа само квалификации за СП и ЕП. Трифун ме замоли да помогнам, но малку зависеше од мојата желба бидејќи беше потребна дозвола од Рускиот ракометен сојуз. Трефилов уште еднаш се обиде да влијае на мене, но јас реков дека имал перспективна и прекрасна младост во тимот и јас „старата“ не сакам да заземам нечие место“.
На Светското првенство во 2005 година, одржано во нејзината родна земја, Русија, Македонија против Камерун дојде до победа од 44:24, победа во која Тодоровска запиша 21 гол. Тодоровска, моментално, останува лидер на вечната листа на стрелци по број на постигнати голови на еден натпревар на Светските првенства.
„На Мундијалот заминав како предводник на македонската репрезентација, а пред натпреварот со Конго ни беше кажано дека ни е потребна најголема можна победа, бидејќи гол-разликата може да ни помогне да стигнеме до главната рунда. Не морав да направам нешто посебно, тимот се бранеше, јас трчав во контри. Така стигнав до границата од 21 гол“.
По завршувањето на играчката кариера, Тодоровска имаше неколку обиди во тренерските води. Краток период беше асистент на Ристо Магдинчев во ЖРК Вардар (2012), додека пред шест години беше тренер во Металург, односно на девојчињата родени 2004-2005 година.