Ракометарите на ГОГ им се вратија на победите во Лигата на шампионите, откако на свој терен славеа убедлива победа против Висла Плоцк со 31:24.
Данскиот шампион со новата победа дојде до 13 бода на свое конто и се позиционираше на 4. позиција на табелата во групата А, додека полскиот вицепрвак се уште се наоѓа во опасната зона за испаѓање, односно на 7 место.
Домаќините предводени од голманот Тулин, како и расположените бекови Питлик и Мадсен, уште од самиот почеток најавија како ќе се одвива текот на натпреварот. Гостите од Плоцк влегоа во грч и лошата игра во првиот дел беше причина за денешниот пораз.
Висла Плоцк поведе само на почетокот со 1:0 и за неколку минути игра стартуваше одлична игра на данскиот шампион, кој влезе во ритам, се одлепи на 7:2 и до крајот на натпреварот одржуваше дистанца од четири до пет гола разлика. Избраниците на Хавиер Сабате никако не можеа да се вратат во игра и му дозволија на домаќинот да доминира во последниот дел од првото полувреме. ГОГ речиси сите грешки на ривалот ги казнуваше со гол и на пауза замина со ,,плус седум” 18:11.
Ниту во второто полувреме немаше поголема промена на теренот. ГОГ со добро организирани напади и цврста одбрана не дозволуваше противникот да има било какви шанси за евентуален камбек. Веќе при резултат од 24:16 во 45 минута, јасно беше дека гостинскиот тим ќе си замине поразен од денешното гостување.
Најефикасни во победничката екипа беа Емил Мадсен со седум и Лукас Јоргенсен со шест гола, додека голманот Тобијас Тулин имаше дури 18 интервенции. Кај Висла Плоцк се истакна Тин Лучин со седум реализации.