Тренерот Даниел Гордо пред неколку дена заедно со уште неколку ракометари го напушти Мешков Брест, а него на клупата го наследи Дмитриј Тихон.
Тихон веќе и дебитираше на клупата на белорускиот шампион во вчерашната победа против Минск СКА. После краткиот период на клупата Тихон ги искажа своите први импресии од клубот.
„Одлична победа! Победата секогаш носи позитивна атмосфера, убаво е да се видат момците како среќни ја напуштаат салата. Морам да кажам дека и Дани пред мене на клупата направил одлична работа. Добро е што целата ситуација не влијаеше премногу на момците кои се тука“.
Понудата да седне на клупата на Мешков дошла неочекувано.
„Понудата дојде сосема неочекувано, но не се двоумев долго дали да ја прифатам. Ова е клуб кој се бори за највисоки цели. Мешков нуди можност секој тренер да се запознае со нешто ново. Пред натпреварот разговарав со момците и им кажав дека се професионалци и дека треба да истрчаат на теренот без разлика каква е ситуацијата“, изјави Тихон.
Мешков ќе потсетиме се соочи со заминувања на Јака Малус, Павел Пачковски, Батист Бонфон, тренерите Даниел Гордо и Нуно Фарел, а последен во низата беше Владимир Врањеш.