Ракометарите на Загреб се многу блиску до пласман на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига, откако славеа на гостувањето кај Татран Прешов во првиот четвртфинале натпревар со 21-25.
Домаќините отворија со водство од 6-1 во првите десетина минути, но како одминуваше времето, така избраниците на Веселин Вујовиќ се враќаа во игра и до паузата израмнија на 11-11.
Беше 14-12 за Татран во вториот дел, но оттогаш домашните не постигнаа гол десет минути, а Загреб даде пет, па во 44. минута беше 14-17. До крајот „плинарите“ не попуштија во темпото и го затворија мечот со конечни 21-25.
Најдобри стрелци кај победникот беа Давид Мандиќ со шест гола од шест обиди и Марин Шипиќ со четири погодоци, додека во домашниот состав се истакна Бразилецот Педро Пачеко со девет голови.